31 Дек

Кој е Исус?

Ретки се оние животни прашања кои се поврзани со некоја друга личност, а чиј одговор пак е тесно поврзан со тоа кои сме ние. Прашањето „Кој е Исус?“ е токму такво прашање. На истото луѓето ќе дадат различни одговори, дека бил: добар учител, основачот на најголемото движење во историјата на човештвото, добар морален експерт, пророк и слично. Овие одговори сами по себе не се погрешни и се делумно вистинити, но сепак не се целосни и сеопфатни во однос на тоа кој бил/е Исус. Еден од начините на кои можеме подобро и подетално да запознаеме некоја личност е преку нејзината биографија. За наша среќа, Исус има своја биографија, која иако не е детална, сепак е доволно опширна да ни го даде одговорот на нашето прашање. Новиот Завет од Библијата е Исусовата биографија и ни открива кој е Тој.

1. Неговото раѓање (отелотворување)

Речиси сите четири Евангелија започнуваат со раѓањето на Исус Христос, оној ден кој го празнуваме како Божиќ. Претскажан стотици години пред да биде роден (Исаија 9:6-7), зачнат на чудесен начин (Лука 1:26-38), бебе за чие раѓање не се радувале само луѓе, туку и ангели кои му пееле песни (Лука 2:1-38) и на кое не само што му биле донесени подароци, туку и дошле луѓе да му се поклонат бидејќи знаеле дека не е обично бебе (Матеј 2:1-12). Ова бебе било поинакво од било кое друго. Патем, зошто и ние до ден денешен се поздравуваме со „Христос се роди – навистина се роди“? Бидејќи до денес постои свесноста дека тоа бебе кое лежело во јаслите пред повеќе од 2000 години – не било обично бебе.

2. Неговиот живот

Животот на Исус исто така покажал дека Тој не е само човек, односно бил човек, но и многу повеќе. Преку средбите кои ги имал со луѓето, преку Неговите поуки, изјави и дела гледаме дека тој бил сѐ, освен обичен човек. Простувал гревови (Марко 2:1-12), смирувал бура (Марко 4:35-41), исцелувал болни (Матеј 12:15, 14:14, 14:36, Лука 4:40...), воскреснувал мртви (Марко 5:22-42, Лука 7:7-11) и за Себе велел дека е Бог (Јован 8:58, 10:30, Откровение 1:8). Навистина, К.С. Луис бил во право кога заклучил дека кога Исус велел дека е Господ тој бил лажго, лудак или Господ. Неговиот живот и дела јасно укажуваат на третата опција.

3. Неговата смрт и воскресение

Секој од нас има цел во животот, но Исусовата била посебна. Исус дошол на овој свет со една одредена цел, а тоа е да обезбеди спасение за нашите души. Тој тоа го направил преку Неговата смрт на крстот на Голгота – таму платил за нашите гревови. Околу 7-8 века пред Неговото раѓање, и Неговата смрт била претскажана, дека ќе пострада за ние да можеме да бидеме спасени и духовно исцелени (Исаија 53:1-12). Но Неговата смрт не била крајот, бидејќи три дена подоцна Тој воскреснал и со тоа што ја победил смртта повторно покажал дека е многу повеќе од човек, односно дека е Господ.

Исусовата биографија (Новиот Завет) е јасна: Тој е Господ Кој земал човечко тело, за да живее помеѓу луѓето, да ги исцели нивните болки, но најважно од сѐ – да плати за нивните гревови и да даде спасение на нивните души. Точниот одговор на прашањето „Кој е Исус?“ е токму тој – Исус е Спасител. Сега, на нас останува дали ќе ја приафатиме таа вистина илиќе му дозволиме на денешното општество да нѐ убеди дека Тој бил само обичен, фин, морален учител. Нам денес не ни се потребни само морални учители, туку Спасител... а Исус е токму тоа!

Никола Гиневски

Опис на авторот